Со европски пари до економски раст во Кипар, банките уште се празнат
Европската унија ја пренасочи помошта за Кипар кон поттикнување на економскиот раст. Како што беше денеска соопштено од страна на Европската комисија, средствата наменети за Кипар, во висина од 21 милион евра, ќе бидат пренасочени на проекти за раст.
„Со оваа одлука средствата ќе бидат пренасочени на области кои веројатно ќе имаат поголемо влијание на раст и отворање на нови работни места во краток рок. Со тоа ќе им се пружи поддршка на малите и средни фирми и ќе помогне во вработување на младите. 10 милиони евра пак ќе бидат пренасочени на проекти за заживување на урбаните и руралните области“, се наведува во соопштението на Комисијата.
Одлуката за пренасочување на средствата е последица од влошувањето на кипарската економија во последните неколку месеци. Во прилог на ова одат и податоците објавени денеска дека само во март од кипарските банки се повлечени се 1,8 милијарда евра.Според Европската централна банка, депозитите во кипарските банки во март се намалиле за 3,9 проценти во однос на февруари.
