Сноуден се предомисли за азилот во Русија, ама е добредојден во Боливија
Едвард Сноуден сè уште се наоѓа на московскиот аеродром и има испратено барања за азил до 15 земји рекол портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Понатаму, Песков истакнал дека Сноуден моментално е во транзитната зона на московскиот аеродром Шереметјево и дека никогаш не ја преминал руската граница.
Тој додал дека руските власти не се вклучени во активен дијалог со поранешниот соработник на ЦИА и дека „никогаш не соработувале со Сноуден“,пренесува „Раша тудеј“.
„Сноуден побара да остане во Русија. Меѓутоа, кога дозна за рускиот став за ова прашање и за придружните услови, тој одлучи да не остане во Русија“, рекол портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Песков рекол дека Русија не им ги предава политичките баратели на азил на земјите што имаат смртна казна.
„Сноуден, со искрена убеденост или од некоја друга причина, се смета себеси за активист за човекови права, борец за идеалите на демократијата и на човековите слободи. Руските активисти и организации за човекови права, како и нивните колеги во странство, го сфаќаат ова. Од таа причина, екстрадицијата на Сноуден во земја како што се САД, каде што се спроведува смртна казна, е невозможна“, објаснил Песков.
Исто така во интервју за руската телевизија „Раша тудеј“, претседателот Ево Моралес изјави дека Боливија е подготвена да му даде азил на поранешниот соработник на ЦИА и НСА Едвард Сноуден.
„Секако дека ситуацијата во никој случај не е розова. Овој случај постојано се разгледува на меѓународно ниво. Боливија е подготвена да прифати лица, кои се откриени дека шпионираат, доколку ова може така да го наречам“, рече тој.
„Не загрижува однесувањето на држави како САД. Замислете ја таа контрола и шпионажа што се врши на телефонските разговори. Знам дека големите држави имаат шпионски мрежи и се во постојан заговор против т.н. земји во развој. Особено против земји со природни ресурси како Боливија, Венецуела, Еквадор“, нагласи Моралес.
Досега само неколку земји потврдија дека ги добиле барањата за азил и дека размислуваат за нив. Сноуден првично поднесе барање за политички азил до Еквадор и до Исланд. Владата на Еквадор изјави дека го разгледува барањето, но дека Сноуден би морал сам да стигне до Еквадор.
Сепак, претседателот на Еквадор, Рафаел Кореа, вчера рече дека секоја помош што му била дадена на Сноуден била чисто случајна и дека тој повеќе нема да добива помош од нив. Тој истакна дека еквадорскиот конзул во Лондон постапил надвор од рамките на својата надлежност кога му ги издал патните исправи на Сноуден.
