Сноуден остана без идентитет заглавен во транзитната зоната на московскиот аеродром
Едвард Сноуден, поранешниот службеник во американската Национална безбедносна служба (НСА) се уште е во транзитната зона на московскиот аеродром „Шереметјево“ и поради неважечкиот пасош, кој претходно му беше поништен од американските власти, не може да го докаже својот идентитет и да си купи билет, изјавил за „Раша тудеј“ извор близок до Сноуден. -Пасошот му е поништен и тој не поседува друг документ со кој може да го докаже својот идентитет. Поради тоа мора да остане во транзитната зона на „Шереметјево“ и не може да купи билет ниту да ја напушти Русија. Руската авиокомпанија „Аерофлот“ соопшти дека ни Сноуден ни неговиот правен советник Сара Харисон немаат купено карта за ниту еден нивен лет во следните три дена.
Завчера се огласи и рускиот претседател Владимир Путин, кој кажа дека Сноуден се уште е на транзитната зона на московскиот аеродром, не ја минал руската граница, дека е слободен да замине каде сака и дека би требало да го стори тоа што побрзо.
Тој го отфрли барањето за екстрадиција на Сноуден во САД, посочувајќи дека Русија нема спогодба за испорачување со САД, па затоа и нема да им ги удоволи барањата. Американски „Ју-ес-еј тудеј“ истовремено пишува дека на Сноуден му истекува времето зашто транзитната виза што можел да ја добие во Русија важи само три дена, а, според последните информации, тој не побарал нејзино продолжување. Не е познато каков ќе биде неговиот статус потоа. Од друга страна, основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, изјави дека Владата на Еквадор му издала на Сноуден документи со кои тој добил специјален статус на бегалец, а врз основа на кои го напуштил Хонгконг. Сепак, не е јасно дали Сноуден може да ги искористи документите за продолжување на патувањето. Венецуела вчера соопшти дека би го разгледала барањето за азил ако Сноуден побара, но дека се уште не добила официјално барање. Новинарот Глен Гринвалд, преку кој Сноуден ги објави првите тајни документи во „Гардијан“, открива дека Сноуден направил копии од тајните документи и им ги поделил на различни луѓе во цел свет. Документите се заштитени и можат да се отворат само со лозинка.
Ако нешто му се случи на Сноуден, овие документи ќе излезат во јавноста без оглед на судбината на поранешниот службеник на НСА.
