Економија, финансии, бизнис

Контакт

СНЕЖНО НЕВРЕМЕ ВО САД: Зошто толку луѓе умираат чистејќи снег?

СНЕЖНО НЕВРЕМЕ ВО САД: Зошто толку луѓе умираат чистејќи снег?
Од вкупно осум жртви на последното снежно невреме во САД, најмалку половината починале чистејќи го снегот пред нивните домови. Секоја година стотина Американци умираат чистејќи снег, а и во Канада ова е честа причина за смрт. Зошто? Кардиологот Бери Френклин вели дека бројот на луѓе кои умираат чистејќи снег секоја година би можел да биде и двојно поголем, но прецизна статистика за сега нема. „Верувам дека заради таа активност годишно губиме стотици животи“, вели Френклин, директор за превентивна кардиологија и кардио-рехабилитација во болницата „Вилијам Бомонт“ во Мичиген. Податоците покажуваат дека на младите луѓе повеќе им се зголемува пулсот и крвниот притисок додека чистат снег отколку додека, на пример, трчаат по подвижна лента. „Кога тоа ќе се комбинира со студениот воздух кој ги стега крвните садови и го намалува протокот на крв, имате ’совршени’ предуслови за срцев удар“, објаснува Френклин. Чистењето на снегот е особено напорно бидејќи бара работа на рацете, што е потешко отколку работата со нозе, а исправената положба притоа ја пренасочува крвта од срцето кон долните екстремитети. Влажниот и тежок снег значи и дополнително напрегање. Многу луѓе при тешка работа го задржуваат дишењето, што уште повеќе го оптоварува телото. За да биде ситуацијата полоша, чистењето на снегот најчесто се изведува меѓу 6 и 10 часот наутро, кога луѓето природно се ранливи на срцев удар. Докторот Френклин заради тоа смета дека чистењето на снегот е толку опасно што воопшто не е препорачливо за лица постари од 55 години! Ако веќе мора, подобро е снегот да се турка отколку да се крева, треба слоевито да се облечете, да правите редовни паузи на топло и да не јадете и пиете пред да се зафатите со оваа активност, советува тој. „Луѓето всушност немаат поим колку чистењето на снегот го оптоварува срцето“, предупредува Френклин.  
Слично

Поврзани вести