Економија, финансии, бизнис

Контакт

Снаодливо седумгодишно девојченце преживеа авионска несреќа

Снаодливо седумгодишно девојченце преживеа авионска несреќа
Седумгодишно девојченце кое преживеа пад на авион во Кентаки, во кој загина нејзиното семејство, пешачејќи стигнало до помош благодарение на вештините за преживување на кои ја научил нејзиниот татко, пренесуваат американските медиуми. Сејлор Гачлер е единствениот преживеан при падот на авионот „пајпер“, кој во петокот се урна во шума во округот Лајон. Во несреќата загинаа четири члена од нејзиното семејство, таткото Марти (48), мајката Кимберли (46), сестрата Пајпер (9) и роднината Сиера Вајлер (14). Девојченцето успеало да се извлече од трупот на авионот, со скршен рачен зглоб и голем број гребаници по телото. Бидејќи се враќале од Илиноис од Флорида, каде биле за време на божиќните празници, детето било облечено во кратки панталони и маичка со кратки ракави на температура од само пет степени Целзиусови. Сејлор направила факел од гранки и се обидела да го запали од пламенот кој го зафатил леталото, но не успеала во намерата. Потоа тргнала во мрак низ студената шума. Четириесет минути подоцна, полицијата по телефон била повикана од страна на Лари Вилкинс, жител на блиска населба, со известување дека на врата му пристигнало повредено девојче кое тврди дека преживеало авионска несреќа. Вилкинс за телевизијата Ен – Би – Си рекол дека девојченцето се појавило пред неговата врата босо, со само еден чорап и „облечено како да е на Флорида“, наспроти ниските температури. „Праша дали може да влезе. Реков: Душо што можам да сторам за тебе“, рекол тој додавајќи дека го исчистил детето со влажни крпи, го стоплил и повикал полиција. Сејлор им раскажала на полицајците дека пред да тргне по помош, се обидела да ги „разбуди“ своите родители во трупот на авионот бидејќи мислела оти тие спијат. „Таа е борец – се обидела да донесе помош за семејството“, рекол полицаецот Брент Вајт и додал колку била неверојатно смирена и способна да им ги пренесе сите информации. Сејлор била префрлена во болница, од каде била пуштена веќе наредното утро откако и била санирана скршеницата на зглобот, истакнала полицијата во соопштение. Причините за падот на авионот се уште не се познати, а истрагата е во тек.  
Слично

Поврзани вести