Слободниот Сноуден се заблагодари на Русија – Белата куќа е многу разочарана
Едвард Сноуден, поранешниот американски разузнавач се заблагодари на руската влада и ги обвини Соединетите американски држави за непочитување на меѓународните закони преку изјава објавена на интернет страницата „Викиликс“.
Сноуден има правен статус во Русија за една година, изјави неговиот руски адвокат Анатолиј Кучерена, додавајќи дека неговиот клиент го напуштил московскиот аеродром и дека е пренесен на тајна и безбедна локација..
Во интервју за државната руска ТВ 24, Кучерена рече дека Русија „немала избор" во доделувањето на азил на неговиот клиент. "Тоа беше хумана одлука, бидејќи Едвард не можеше да дојде и самиот да купи билети во Хавана или било која друга земја, бидејќи тој нема пасош. Значи, Русија се однесува многу чесно во оваа ситуација", изјави Кучерена, кој вели дека не е во ред да се наметнуваат санкции против Русија.Белата куќа е многу разочарана дека на поранешниот разузнавач во Агенцијата за национална безбедност му е дозволен привремен азил во Русија, изјави портпаролот на Белата куќа, јавува Си-Ен-Ен.
Соединетите американски држави бараат екстрадиција на 29 годишниот Американец кој откри детали за американските тајни програми за следење на комуникации. Сноуден се товари за шпионажа и побара привремен азил во Русија откако му беше поништен пасошот.
Поранешниот разузнавач Сноуден беше заглавен во транзит зоната на московскиот аеродром повеќе од еден месец.
