Економија, финансии, бизнис

Контакт

СЛЕДНАТА ПАНДЕМИЈА ЌЕ ЈА ПРЕДИЗВИКА МИСТЕРИОЗНАТА „БОЛЕСТ Х“: Научниците веруваат дека ќе бидат ослободени „зомби вирусите“

СЛЕДНАТА ПАНДЕМИЈА ЌЕ ЈА ПРЕДИЗВИКА МИСТЕРИОЗНАТА „БОЛЕСТ Х“: Научниците веруваат дека ќе бидат ослободени „зомби вирусите“

Што научивме од глобалната катастрофа? Дека светот не е подготвен! И ова не е ни последниот опасен предизвик на природата...

Светската здравствена организација (СЗО) состави листа на „приоритетни болести“ кои би можеле да предизвикаат следната пандемија во иднина, пишува Њујорк пост.

Повеќето од болестите на таа листа ни се веќе познати - ебола, САРС, Зика и слично - но последната болест на таа листа го има застрашувачкото име „Болест Х“.

Терминот „Болест Х“ го користи СЗО за да резервира место на листата за болест досега непозната за медицинската наука која ќе предизвика инфекции кај луѓето.

Бидејќи причината за болеста - некој вирус, бактерии, габи или нешто друго - сè уште ќе биде непозната, веројатно нема да има достапни вакцини или лекови.

„Ова не е научна фантастика. Ова е сценарио за кое мора да се подготвиме. Тоа е болест Х“, рече д-р Ричард Хачет од Коалицијата за иновации за подготвеност за епидемија (CEPI).

CEPI е основана на почетокот на 2017 година од владите на Норвешка и Индија, Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, Wellcome Trust и Светскиот економски форум и претставува партнерство помеѓу јавни, приватни, филантропски и граѓански организации. Мисијата на CEPI е да го финансира и координира развојот на вакцини за да го заштити светот од идни епидемии.

Еден од начините на кои CEPI има намера да го направи тоа е со поддршка на развојот на „платформски технологии“ кои ќе го забрзаат производството на вакцини против нови и непознати патогени како што е предвидената „Болест Х“.

Што се однесува до самиот термин „Болест Х“, тој беше измислен од Светската здравствена организација во 2018 година. Со вклучувањето на „Болеста Х“ во листата на приоритетни болести, СЗО предупредува на ризикот од некои нови, сè уште непознати патогени.

„Не е претерување да се каже дека постои можност „Болеста Х“ да се појави многу наскоро“, вели д-р Пранаб Чатерџи, истражувач во Одделот за меѓународно здравје на Школата за јавно здравје Џон Хопкинс Блумберг во Балтимор. „Неодамнешниот бран на птичји грип H5N1 во Камбоџа е само пример“, додаде Чатерџи.

Некои експерти за јавно здравје веруваат дека следната „Болест Х“ ќе биде зоонозна, што значи дека ќе потекнува од диви или домашни животни, а потоа ќе се прошири на луѓето.

Сепак, постојат и други извори на болеста, а еден од нив може да биде биотероризмот во иднина.

„Не ја игнорираме можноста за произведен патоген“, велат авторите на написот објавен во 2021 година во списанието „Infection Control & Hospital Epidemiology“.

„Ширењето на таквите патогени, било со случајни несреќи во лабораториите или нивно намерно ослободување, може да предизвика „Болест Х“ и да има катастрофални последици“, додаваат тие.

Друга можност е дека ќе се работи за т.н „зомби вируси“ кои со векови беа замрзнати во вечниот мраз, но сега се ослободуваат поради климатските промени и топењето на мразот.

Некои од приоритетните болести на списокот на СЗО се Марбург вирусот, Кримско-конгонската хеморагична треска, Нипах и други хенипавируси, треската од долината Рифт и МЕРС.

Со цел да се спречи или да се бори против замислената „Болест Х“, медицинските експерти многу гласно повикуваат на зголемени инвестиции во надзорот и истражувањето на вирусите со пандемски потенцијал.

„Ковид-19 не беше првата епидемија што предизвика многу проблеми во светот, а нема да биде ниту последна“, напишаа авторите на написот во списанието Infection Control & Hospital Epidemiology. „Затоа мораме што поскоро да се подготвиме за избувнување на следната пандемија“.


Слично

Поврзани вести