Ситуацијата во Казахстан ескалира, демонстрантите упаднаа во канцеларијата на градоначалникот на Алма Ата
На вториот ден од протестот во Казахстан поради поскапувањето на горивата и пред се гасот, демонстрантите упаднаа во канцеларијата на градоначалникот на најголемиот град - Алма Ата.
Илјадници луѓе излегоа на улиците и покрај вонредната состојба во некои делови од земјата. Во вторникот, претседателот ја распушти владата и рече дека ќе бидат обновени пониските цени на горивата.
Протестите се реткост во оваа поранешна советска република богата со нафта, која е строго контролирана од владата.
Полицијата употреби шок бомби и солзавец врз илјадници демонстранти во Алма Ата, но не успеа да ги спречи да упаднат во канцеларијата на градоначалникот.
Канат Тимерденов, началникот на градската полиција, изјави дека „екстремистите и радикалите“ нападнале 500 цивили и ограбиле стотици фирми.
Непотврдени извештаи, исто така, велат дека луѓето се собрале во близина на други владини згради во Алмати и други градови во земјата.
Во вторникот беа забележани масовни демонстрации во неколку области.
Претседателот на Казахстан, Касим Џомарт Токаев прогласи вонредна состојба и исто така донесе указ со кој се прифаќа оставката на владата поради немирите.
За нов премиер привремено е назначен вицепремиерот Алихан Смаилов.
Во видео обраќањето во вторникот, претседателот рече дека нападите на демонстрантите врз владините канцеларии биле „апсолутно незаконски“.
Демонстрациите започнаа откако властите во оваа земја богата со нафта ги зголемија плафоните на цените на течниот нафтен гас што го користат возилата, што предизвика скок на потрошувачките цени.
Некои извештаи зборуваа и за прекини на интернет низ целата земја.
Доцна во вторникот, претседателот Токаев твитна дека властите ќе вратат пониски цени на горивото „за да обезбедат стабилност во земјата“.
