Ситуацијата се заострува – американски воен брод на вежби во близина на Крим
Американскиот поморски носач на ракети УСС Тракстун тргнал кон Црното Море. Според американската војска, се работи за „рутинска вежба“ која била планирана уште пред почетокот на кризата во Украина.
Тракстун ја напуштил Грција денеска и се упатил кон Црното Море на воени вежби со бугарски и романски поморски единици, информираат од американската морнарица. „Додека е во Црното Море бродот ќе посети неколку пристаништа и ќе спроведе рутински планирани вежби со сојузниците и партнерите во регионот. Неговите операции беа планирани долго време пред тој воопшто да замине во САД“, стои во соопштението.
Бродот кој има околу 300 морнари е дел од ударната група носачи на авиони Џорџ Х.В. Буш. Тракстун треба да му се придружи на американскиот воен брод УСС Тејлор со што во екот на напнатоста во Украина, во Црното Море ќе пловат два американски воени брода.
Тејлор во моментов е закотвена во турското пристаниште Самсун.
Инаку високи претставници на земјите-членки на Европската унија се собраа денеска во Брисел, во обид да најдат заеднички став во врска со кризата во Украина.
Засега усогласувањето не оди лесно, бидејќи дел од земјите-членки на ЕУ, особено оние од Истокот, се залагаат за остри санкции против Русија, додека други, како Германија, сметаат дека проблемот може да се реши само со дипломатско посредување, а не со притисок врз Москва.
Во Брисел е и новиот украински премиер Арсениј Јаценјук, кој нагласи дека новата власт во Киев не ја прифаќа одлуката на Парламентот во Крим за отцепување на полуостровот и негово припојување кон Русија.
„Бараме од Русија да не ги поддржува сепаратистичките ставови. Крим бил и ќе остане дел од Украина“, категоричен беше Јаценјук. Тој нагласи дека Украинците нема да се предадат и да и бидат „потчинети на Русија“.
Слично
