Сите воени и цивилни летови од и кон аеродромот во Кабул се запрени
Сите летови од и кон авганистанскиот главен град Кабул се прекинати.
Дека е донесена одлука сите воени и цивилни летови од и кон аеродромот во Кабул да бидат суспендирани, соопшти Пентагон, не прецизирајќи кога ќе продолжат. Американските војници моментално работат на обезбедување на аеродромот, при што денеска се убиени двајца вооружени мажи.
„Ситуацијата на аеродромот во Кабул е тензична“, изјави претставник на американската влада.
Си-Би-Ес објави дека се разгледува опцијата да се евакуираат сите Америкaнци, но не и нивни авганистански сојузници. Оваа опција не е конечна, но е во игра.
Вкупно седум лица загинаа денеска на аеродромот.
Рускиот амбасадор во Кабул Дмитри Жирнов утре ќе се сретне со претставници на Талибанците. Високиот руски функционер Замир Кабулов за руските медиуми изјави дека амбасадорот ќе се сретне со нив со цел разговор околу безбедноста на руската амбасада и персоналот во неа во главниот град на Авганистан.
Талибанците вчера објавија дека ја презеле контролата врз авганистанскиот главен град, откако во изминативе неколку недели зазедоа голем дел од земјата.
