Силно невреме во Австралија - жена загина
Невреме ја зафати Австралија при што загина една жена, а неколку лица се повредени.
До трагедијата дошло откако паѓаа дрвја врз домовите и автомобилите во два одделни случаи.
Несреќните случаи се предизвикани од силни ветрови, кои направија пустош во југоисточната провинција Викторија, соопштија светските агенции.
Итните служби добиле над 2.200 повици со молби за помош во текот на неколкуте часа, кога беснееле ветровите.
Според синоптичарите сличен феномен се случува еднаш на пет години.
Од паднати дрвја биле оштетени и автомобили на полицијата и спасувачите.
Ветровите со брзина од околу 110 километри на час соборија и далноводи, предизвикувајќи прекини на струјата. Над 120 000 домаќинства во државата со часови останаа без електрична енергија.
Минатата недела Јужна Австралија остана во темница откако силно невреме оштети најмалку 20 електрични столбови.
