СИЛЕН ПОДВОДЕН ЗЕМЈОТРЕС ЈА ПОГОДИ ИНДОНЕЗИЈА: Граѓаните бегаат од своите домови по потресот со јачина од 6,3 степени
Подводен земјотрес со јачина од 6,3 степени ја погоди
денеска централна Индонезија, но не е издадено предупредување за цунами и нема
информации за повредени или материјална штета. Американскиот центар за геолошки
истражувања објави дека земјотресот е регистриран на длабочина од 10 километри,
околу 98 километри западно од градот Лувук, во провинцијата Централен Сулавеси.
Официјалниот претставник на Индонезиската агенција за метеорологија и геофизика, Тауфан Маулана, рече дека земјотресот се почувствувал во многу делови на покраината, но дека нема опасност од цунами.
Сепак, голем број граѓани на Палу избегаа на повисоките места, исплашени од разорниот земјотрес со јачина од 7,5 степени што го погоди градот пред три години кога повеќе од 4.000 луѓе загинаа како резултат на земјотресот и цунамито.
Индонезија, огромен архипелаг од 271 милиони жители, честопати е погоден од земјотреси, вулкански ерупции и цунами, бидејќи се наоѓа во таканаречениот „Пацифички огнен појас“, со голем број вулкани. Земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала ја потресе провинцијата Западен Сулавеси во јануари, при што загинаа најмалку 105 лица, повредени беа скоро 6.500 и раселени повеќе од 92.000 луѓе
