Сибиха откри со чие оружје Украина врши напади длабоко во Русија
Украинскиот шеф на дипломатијата, Андриј Сибиха, изјави дека Украина извршува напади со долг дострел врз руска територија исклучиво со домашно произведено оружје и повторно го повика рускиот претседател Владимир Путин да ја прекине војната.
Во објава на социјалната мрежа Икс, Сибиха тврди дека Путин направил „историска грешка“ кога ја почнал инвазијата на Украина.
„Путин не само што погрешно ја проценил ситуацијата кога ја нападна Украина. Тој направил историска грешка. Со секој месец што одбива да ја признае оваа грешка и да ја заврши војната, ситуацијата за него и неговиот режим ќе се влошува“, напиша тој.
Сибиха додаде дека Путин има способност да го запре конфликтот во секој момент.
„Има излез во секој момент. Доволно е да им нареди на своите окупаторски сили да прекинат со оган и да ја запрат војната“, нагласи тој.
Сибиха истакна дека Украина не напаѓа цели во Русија со западно оружје, туку со свои системи произведени во земјата. Во исто време, тој го обвини Кремљ дека со години се обидува да ја убеди руската јавност дека Русија не се бори против Украина, туку против целиот Запад. Руската инвазија на Украина почна на 24 февруари во 2022 година.
фото Фејсбук/Андриј Сибиха
