СИ НЕМА ДА ДОЈДЕ НА ИНАУГУРАЦИЈАТА НА ТРАМП КОЈ ЛИЧНО ГО ПОКАНИЛ: Поканата ги изненадила и Пекинг и сојузниците на САД
Кинескиот претседател
Си Џинпинг нема да отпатува за Вашингтон следниот месец на инаугурацијата на
новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, јавува CBS News,
повикувајќи се на информирани извори.
Амбасадорот на Кина во САД и неговата сопруга се очекува да присуствуваат на инаугурацијата, како што е стандардна практика.
Извори за CBS News изјавија дека може да им се придружат и други официјални лица од Пекинг.
Според американската телевизија, поканата до си, која била пренесена надвор од формалните дипломатски канали, ги изненадила и Пекинг и сојузниците на САД, во време на зголемена тензија во односите меѓу двете земји.
Претходно, прес-секретарот на Трамп, Каролин Ливти, потврди дека новоизбраниот американски претседател го поканил Си Џинпинг на неговата инаугурација, закажана за 20 јануари 2025 година.
Кинеските власти, навикнати на строг протокол и добро свесни за динамиката во односите меѓу САД и Кина, останаа збунети од намерите на Трамп. Кинеската амбасада во Вашингтон одби да го коментира повикот, додека тимот на Трамп не одговори на барањата на новинарите за коментар.
Според извори, тимот на Трамп разговара и за поканување на други светски лидери, особено унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Според американскиот Стејт департмент, странските лидери не учествувале на претседателските инаугурации на САД од 1874 година. Во церемониите обично учествуваат дипломати.
Трамп во петокот во интервју за NBC News рече дека „многу добро се согласува“ со Си и дека комуницирал со него во текот на неделата.
Аналитичарите тврдат дека овој маневар на Трамп е всушност обид за стекнување предност во новиот однос со кинескиот претседател, кога се во прашање преговорите со Кина во однос на економијата и геополитиката.
Трамп назначи голем број антикинески фигури на клучни позиции во неговата идна администрација, вклучувајќи го и сенаторот Марко Рубио за државен секретар.
ФОТО: EPA-EFE/THOMAS PETER