Си ги продаваат децата или бубрезите за да преживеат
Поради големата сиромаштија, Авганистанците си ги продаваат децата и органите за да преживеат.
Тие често одлучуваат да ги продадат своите телесни органи за да ги прехранат своите семејства со парите што ги добиваат, јави Анадолија.
Во Шехр-и Себз, на околу 20 километри од центарот на Херат, во последните години имаше суши и недостиг на храна, а судирите меѓу талибанците и претходната администрација го отежнаа животот на луѓето во областа.
Многу жители од овој крај, велат дека биле принудени да продаваат деца, но и бубрези.
Еден од мештаните е Абдулкадир (38), не знае од што боледува, а нема пари да оди во болница.
„Отидов во болница за да продадам бубрези за околу 1.500 долари. Лекарите рекоа дека ќе умрам ако ги извадам органите. И покрај тоа, сакам да ги продадам моите бубрези. Нашата економска состојба е толку лоша што сум подготвен да продадам едно дете за 150.000 долари. На тој начин би ги спасил другите членови на семејството“, рекол тој.
Бубрег продал и Гулбедин (38), кој сега не може да врши никаква физичка работа.
Пред три години поради сиромаштија и за лекување на сопругата ја продал ќерката Рузи за 3.500 долари, а пред две години продал бубрег за 2.000 долари. Тој лани ја продаде својата втора ќерка Рације за 1.500 долари.
Меѓународната организација на трудот соопшти дека откако Талибанците ја презедоа власта, околу 500.000 луѓе останале без работа во Авганистан, а таа бројка може да достигне 900.000 во средината на оваа година.
