Си-Ен-Ен: Милиони жени и деца бегаат од војната во Украина, трговците со луѓе ги чекаат
Иако навидум немало ништо чудно или непријатно во возрасна жена и младо момче кои се приближиле до граничниот премин меѓу Украина и Молдавија. Таа се претставила и посочила дека заедно со 15-годишно момче, кој бил нејзиниот внук бегаат од земјата. Но, парот за вработените делувал чудно, особено момчето кое, изгледало засрамено.
Граничните службеници почнале да поставуваат прашања, носејќи социјални работници и психолози.
- Видовме дека нешто не е во ред, но не знаевме што. Затоа ги интервјуиравме одделно - изјави за Си-Ен-Ен психологот кој помогна во спроведувањето на интервјуто.
Се испостави дека нивната приказна е лага. Жената беше странец кој му вети на момчето профитабилна работа во Кипар - шанса да „биде маж“ и да го издржува своето семејство што живее во Украина.
Сè што требаше да направи е да се преправа дека е нејзин внук, да и го даде пасошот и да и помогне да напише лажно писмо за согласност на родителите, им рекол тој на службениците.
- Ја најдовме мајка му и ѝ се јавивме, а таа плачеше и рече дека не напишала никаква декларација и немала поим за ова, тоа е страшно - рече психологот.
Од безбедносни причини неговтоо име не се објавува, а по откривањето на инцидентот, тие се упатени до молдавските органи на редот за истрага, додаде психологот.
Си-Ен-Ен укажува оти властите во регионот и меѓународните организации предупредуваат оти бројот на жени и деца кои се „загрозени“ од трговијата со луѓе вртоглаво пораснал поради војната во Украина.
По разговори со голем број организации вклучени во хуманитарниот одговор на кризата, пристигнале многубројни примери на сомнително однесување насочено кон бегалците, особено кон жените - вклучително и маж кој се обиде да намами 10 бремени жени со лажна понуда за домување.
Друга жена, Људмила, која заврши во Молдавија откако избега од Украина изјави за Си-Ен-Ен дека нејзините три деца биле изложени на ризик во место кое требало да биде светилиште. Им нуделе алкохол и работеле за странци, рече таа, пред да успее да најде место во засолниште за ранливи жени во Кишињев, главниот град на Молдавија.
Прамила Патен, специјалната претставничка на Обединетите нации за сексуално насилство во конфликти, минатиот месец предупреди дека хуманитарната криза предизвикана од руската војна во Украина „брзо се претвора во трговија со луѓе во која жените и децата се експлоатираат“.
Повеќе од 5,9 милиони луѓе ја напуштиле Украина од почетокот на војната, според Агенцијата за бегалци на ОН. Огромното мнозинство се жени и деца, многу од нив многу ранливи.
- И колку подолго трае кризата, толку луѓето стануваат поочајни - рече Менди Марш, ко-основач и извршен директор на VOICE, непрофитна организација фокусирана на ставање крај на насилството врз жените и девојчињата во конфликти, кризи и катастрофи.
- На почетокот на кризата има луѓе кои се најмобилни, кои имаат врски, можеби семејство во Полска или други места. Како што кризата продолжува, има се помалку луѓе кои имаат врски, а многумина се посиромашни. Некои луѓе мораа да се преселат во внатрешноста на Украина, а потоа можеби повторно ќе се преселат - додава Марш.
Меѓународната организација за миграција (ИОМ) соопшти дека нејзината телефонска линија за совети за борба против трговијата со луѓе во Украина примила речиси 19.000 повици од почетокот на војната - двојно повеќе од месечен просек.
- Знаеме дека овие зли предатори го користат секој трик во книгата за да ги измамат збунетите, ранливи луѓе со ветувања за безбедно патување понатаму - изјави за Си-Ен-Ен портпаролот на ИОМ, Џо Лоури.
Тоа не е нов проблем, некои од земјите во кои бегаат украинските бегалци, вклучително и Молдавија, имаат долгорочни проблеми со трговијата со луѓе. Молдавија прими 570.000 бегалци од војната во Украина, а околу 88.000 се уште се во земјата, според УНИЦЕФ.
Во извештајот на американскиот Стејт департмент од 2021 година за ова прашање, се вели дека Молдавија сè уште не ги исполнува минималните политички стандарди потребни за елиминација на трговијата со луѓе -- и покрај тоа што направи „значајни напори“ да го стори тоа во последниве години.
Јана Товпеко, која е дел од тимот за одговор на VOICE за Украина, се присети на случаи на луѓе кои доаѓаат во засолништата за бегалци кои нудат сомнителни можности за работа или транспорт во други земји.
- Многу луѓе се обидуваат да помогнат, некои се волонтери, некои се само случајни луѓе кои нудат возење и тоа може да биде проблем. На жена со тежок багаж, со деца и треба помош, ако некој понуди превоз, тоа може да биде потенцијално опасна ситуација , објаснува Товпеко.
Товпеко рече дека VOICE наишол на голем број примери на сомнително однесување. Имаше човек кој влезе во едно засолниште и нудеше сместување за 10 бремени жени. Кога социјалните работници ги придружуваа жените кои сакаа да останат со него до сместувањето, се покажа дека е измама, немаше залихи и речиси никаква опрема.
Службениците на граничниот премин во Паланка добро знаат за ризикот. Антон Загорец, заменик-шеф на Источната управа на молдавската гранична полиција, рече дека неговиот тим наишол на бројни случаи на малолетници кои патувале сами или со луѓе кои не биле нивни родители.
Иако повеќето случаи не се злобни, децата можеби патуваат на безбедно со роднини или семејни пријатели, од службениците се бара секој случај да го упатуваат на специјално обучени социјални работници, поради ризикот од трговија со луѓе.
