Шефот на турската дипломатија, Хакан Фидан денеска го осуди палењето на Куранот во Шведска.
Еден од организаторите на протестот искинал и запалил Куран денеска пред централната џамија во Стокхолм.
Околу 200 поддржувачи на протестот денеска гледаа како еден од двајцата организатори на протестот ги кине страниците на копија од Куранот, а потоа си ги брише чевлите со нив, па завитка сланина во нив и на крајот ја запали книгата. За тоа време, друг демонстрант зборуваше на мегафон.
Некои од присутните извикувале „Господ е голем“ на арапски, протестирајќи против палењето. Полицијата приведе еден маж.
Додека гореше светата книга, еден од поддржувачите на протестот извикуваше „Нека гори“.
Шведската полиција одбила неколку неодамнешни барања за протести против Куранот, но судовите ги поништиле одлуките, велејќи дека тие ја нарушуваат слободата на говорот.
Многубројните протести одржани во Шведска против исламот и за правата на Курдите ја навредиле Анкара. Шведска поднесе барање за членство во НАТО лани по руската инвазија на Украина. Но, Турција, која е членка на Алијансата, го запре процесот, обвинувајќи ја Шведска дека засолнила луѓе кои ги смета за терористи и бара екстрадиција.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави денеска на прес-конференција дека не сака да шпекулира како одобрениот протест може да влијае на процесот на пристапување на Шведска во НАТО.
„Шведска ги исполни сите услови за влез во НАТО алијансата поставени од Турција“, изјави шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билстром.
Унгарскиот Парламент денеска ја одложи ратификацијата на кандидатурата на Шведска за членство во НАТО до нејзината есенска седница, што значи дека нордиската земја нема да се приклучи Алијанса пред или за време на Самитот на НАТО во јули.
foto EPA