Шведските власти изразија жалење што не добија одобрение од Турција за членство во НАТО
Шведските власти изразија жалење што не добиле зелено светло од Турција за влез во НАТО, за разлика од нивниот сосед, кој сега има отворен пат за влез во Алијансата.
„Тоа е развој на ситуацијата што не го сакавме, но бевме подготвени на тоа“, изјави за новинарите шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билстроем.
Според него, сега е важно Шведска да ги обезбеди двете ратификации што недостасуваат од Турција и Унгарија и да ја гарантира безбедноста на земјата се додека е потребно.
Уште една лоша вест за Шведска е тоа што унгарскиот парламент денеска одлучи да ја ратификува кандидатурата на Финска на 27 март и дека подоцна ќе го разгледа случајот на Шведска, како што соопштија унгарските власти.
Шведскиот министер не сакаше да ја коментира веста бидејќи Стокхолм се уште нема добиено официјална потврда од Будимпешта.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска ја поздрави подготвеноста на Турција да го ратификува членството на Финска во Алијансата и повика на ратификација на членството на Шведска „што е можно поскоро“.
Финска и Шведска поднесоа барање за членство во НАТО во мај 2022 година по почетокот на руската инвазија на Украина.
Унгарија и Турција се единствените членки на НАТО кои се уште не го ратификувале во своите парламенти приемот на Финска и Шведска.
