Шведска одговори на заканите од Русија за влезот во НАТО
Шведска одговори на заканите од Русија за евентуалниот нејзин влез во НАТО.
Шведската шефица на дипломатијата, Ан Линде ги оцени како апсолутно неприфатливи предупредувањата на Русија околу можното придружување на нејзината земја и Финска на НАТО. Таа порача дека Шведска и Финска сами ќе носат одлуки. Линде вели дека безбедносната ситуација во Европа драматично се смени по агресијата на Русија на Украина. Објасни дека тоа ги поттикна владите во Стокхолм и Хелсинки да ја ревидираат својата долгогодишна политика на воена неутралност и да ја разгледаат можноста за влегување во западниот воен пакт.
„Рускиот напад на Украина е непредизвикан и незаконски и не може со ништо да се оправда и затоа Шведска заедно со ЕУ стои со Украина“, кажа Линде.
Таа порача дека светот треба да се обедини против руската агресија. Денеска е 48-от ден од почетокот на војната во Украина. Русија има неколку барања меѓу кои воена неутралност, денацификација, припојување на Крим, Доњецк и Луганск.
Русија ги предупреди овие две земји дека нивниот потенцијален влез во НАТО, кон кој и двете земји се поблиску од почетокот на руската инвазија на Украина, нема да придонесе за стабилноста на Европа.
