Шведска ги враќа привремено проверките на границите
Шведска објави дека привремено ги враќа проверките на границите, за да го совлада приливот на имигранти.
Министерот за внатрешни работи на земјата Андерс Игеман изјавил дека мерката се наложува поради зголемувањето на бројот на имигрантите, што претставува закана за јавниот ред.
Проверките влегуваат на сила денес на пладне за период од 10 дена. Потоа тие можат да бидат продолжени за уште 20 дена.
Игеман објаснил дека Левоцентристичката Влада на Шведска сака да се постигне безбедност и стабилност. „Не целиме да го намалиме бројот на луѓето кои бараат азил, туку да имаме подобра контрола врз оние од нив кои пристигнуваат во Шведска“, коментирал министерот.
Одлуката на Нордиската држава која има самодоверба на „хуманитарна суперсила“, покажа уште еднаш како невидената имигрантска криза во Европа го доведува во прашање еден од темелите на ЕУ - политиката на отворени граници, пишува агенцијата „Ројтерс“.
Германија веќе најави дека може да почне да важи прописот од Даблин за сириските бегалци, односно тие ќе бидат вратени назад во првата држава од ЕУ во која влегле. Унгарија реагираше веднаш, велејќи дека нема да ги прифаќа овие имигранти. Данска изјави дека ќе преземе мерки за ограничување на протокот на луѓе, а Словенија почна да гради ограда долж границата со Хрватска.
Шведска е земја во ЕУ, која прифатила најмногу имигранти по глава на жител. Прогнозите се дека до крајот на годината во земјата можат да пристигнат 190 000 лица, баратели на азил - двојно повеќе од претходниот рекорд од почетокот на 90-тите години на минатиот век.
Минатата недела Стокхолм предупреди дека веќе не може да гарантира за сместување на сите новодојденци. Владата е под притисок од страна на десноцентристичката опозиција и антиимигрантските партија „Шведски демократи“ да заземе построг пристап кон проблемот со бегалците.
Шведската агенција за миграција планира да смести илјадници луѓе во шатори поради недостигот на станови. Некои можат да бидат испратени во места како што се ски летувалишта и тематски паркови.
Во минатата недела 10 000 имигранти пристигнале во скандинавските земји. 2000 влегле во рок од само едно деноноќие - своебразен рекорд за земјата. Ситуацијата е дополнително комплицирана и од зголемениот број на пожарите во згради наменети за бегалците.
