Шведска ги охрабрува младите да одат на печалба во Грција
Шведска државна агенција за вработување почна кампања со која ги насочува невработените млади да си бараат сезонска работа во земјите засегнати од кризата како што е Грција, Шпанија, Италија и Кипар, објави грчкиот весник „Катимерини“.
Работните места, главно во хотелите и угостителскиот сектор, ќе бидат насочени главно кон опслужување шведски туристи.
- Се надеваме, дека нашите шведски младинци ќе добијат едно од тие работни места. Тие компании имаат добро искуство со млади шведски службеници, изјави Кристина Гердебро Јохансон, советник во шведската агенција.
Стотици работни места во Грција, Шпанија, Италија и Кипар - популарни туристички дестинации меѓу Швеѓаните - ќе бидат претставени на специјален настан организиран во градот Малме следната седмица.
