Швајцарскиот референдум го плаши меѓународниот бизнис во земјата
Меѓународните компании во Швајцарија се подготвуваат за одлуките од референдумот со два предлога.
Тие стравуваат дека едниот ќе го отежни ангажирањето на меѓународни службеници, а другиот може да се одрази негативно на трговците на суровини, пренесува „Financial Times“.
Швајцарците ќе гласаат на 28 февруари дали да се воведат нови строги правила за протерувањето на странските криминалци. Мерката среќава сериозно противење од страна на швајцарската Влада и бизнис лидерите, кои велат дека тоа може да ги загрози односите со ЕУ, да го отежни ангажирањето на квалификуван меѓународен персонал, и дека тоа е занемарување на правните норми. Предлогот сепак е поддржан од најсилната политичка партија во земјата.
Вториот предлог ќе ја реформира трговијата со суровини, забранувајќи ги „шпекулациите“ кај прехранбените и земјоделските производи.
Иако иницијативите може и да не успеат, поширок страв е дека гласањето на референдумот е дел од трендот кон антибизнис иницијативи во богатата земја која се гордее со ниските даноци, високиот животен стандард и ефикасна инфраструктура.
„Да си сигурен, да си стабилен е клучно за една земја, за да може да се привлекуваат долгорочни обврски“, вели Пол Булке, белгискиот главен извршен директор на Nestle со седиште во Швајцарија .
„Тоа беше една од силните страни на Швајцарија и сеуште е - но предизвиците почнуваат да се зголемуваат со сите овие иницијативи“.
Анкетите покажуваат дека иницијативата за протерување на странските криминалци има многу поголема шанса да успее. Таа е поддржана од ултраконзервативната Швајцарска народна партија, најголемата политичка група во земјата, која во 2014 година ги победи со тесно мнозинство спорни ограничувањата врз имиграцијата од земји на ЕУ.
Сепак, критичарите стравуваат дека тоа може да доведе до нов конфликт меѓу земјата и ЕУ и слободното движење на луѓето низ континентот.
Другоот гласање по забраната на „шпекулациите“ за прехранбени производи е поддржано од левичарските политичари и други лоби групи кои тврдат дека финансиските облози за земјоделските цени се одразуваат негативно на земјоделците и доведуваат до нестабилност на цените, што пак го изострува гладот во посиромашните делови на светот.
Швајцарија се претвора во глобален центар на физичката трговија на суровини, а во земјата има околу 500 компании кои се занимаваат со тоа и имаат над 10 000 вработени.
Дали потегот е практичен и дали ќе ја постигне целта е исклучително несигурно.
Трговците на суровини тврдат дека предложената забрана ќе доведе до значителна дополнителна бирократија и ќе ги отстарни од пазарите финансиските инструменти кои се користат за „хеџирање“ на цените на храната - пример акциите за продажба на земјоделски производи на одредена цена на одреден датум.
Слични хеџинг инструменти дејствуваат како полиси за осигурување за земјоделците против флуктуации на пазарот.
„Трговијата има потреба од ликвидноста, обезбедувана од шпекулантите“, вели Рамон Естеве, чија семејна компанија за трговија со суровини !ECOM Agroindustrial“ ја развива активноста во Швајцарија од 60-тите години.
„Хеџирањето“ е поважно за земјоделските производи, отколку за останатите суровини, додава тој.
„Тука е различно во споредба со бизнисите, на пример, каде што може да се планира своето производство секој месец. Се се сведува на времето за жетва“.
Од перспективата на позитивно гласање големиот трговец на суровини „Cargill“ најави дека ја споделува загриженоста за безбедноста на храната, но изјави дека ако биде прифатен, швајцарскиот предлог „може само да се изнесе трговската дејност надвор од Швајцарија“.
Дали едностраните дејствија на Швајцарија ќе имаат сериозно влијание е сомнително. „Хеџинг“ инструментите се користат на глобално ниво. Две од најголемите швајцарски банки - „UBS“ и „Credit Suisse“, веќе се дистанцираат од се што може да изгледа како финансиски шпекулации за цените на прехранбените производи.
А сепак младите швајцарски социјалисти веруваат дека позитивното гласање на 28 февруари „може да биде корисно во борбата против светскиот глад“, вели Фабијан Молина, претседател на „Swiss Young Socialists“.
Иако не предвидува победа - „против нас се повеќето швајцарски политичари и многу пари“, тој се надева дека тоа сепак ќе им испрати сигнал на шпекулантите.
„Швајцарија може да стане оаза за овој вид на бизнис, а ние не го сакаме тоа“.
