Швајцарија ја запира продажбата на дизел моторите на „Volkswagen“
Швајцарија стана уште една држава која ја запре продажбата на некои дизел модели на „Volkswagen“. Привремената мерка може да влијае на 180 000 возила, кои се уште не се продадени или регистрирани во земјата.
Одлуката на швајцарските власти била донесена по продлабочувањето на скандалот со манипулациите за податоците на емисиите кај дизел моделите на „Volkswagen“.
Претходно новиот извршен директор на концернот Матијас Милер ги уверуваше потрошувачите дека негова задача е да ја врати довербата во компанијата:
Да се дејствува внимателно е поважно од тоа да се дејствува брзо. Императив е вакво нешто да не се случува никогаш повеќе во „Volkswagen“. Затоа во групата ќе примениме уште построги критериуми за усогласување со правилата и управување. Тоа е мојата цел, посочил Милер.
Вкупно од скандалот се погодени 11 милиони автомобили низ целиот свет, помеѓу кои и модели на подружници компании „Audi“, „Skoda“ и „Seat“.
Роберт Еј од консултантската компанија „Бранд фаинанс“ го проценува ефектот од скандалот: „Тоа предизвикува неверојатни загуби. Размерот на скандалот и тоа дека станува збор за намерни дејствија, значи дека ќе има многу сериозно влијание врз марката „Volkswagen“. Нематеријалните загуби регистрирани досега, може да достигнат 10 милијарди долари“.
