Швајцарските обвинители отворија истрага за менаџерите на барот кој се запали, Морети порано учествувал во киднапирање
Швајцарските обвинители соопштија дека отвориле кривична истрага за француските менаџери на барот „Ле Констелатион“ во Кран-Монтана, каде што во пожарот во новогодишната ноќ загинаа најмалку 40 луѓе. Жак (49) и Џесика Морети (40) првпат беа испрашани вчера.
Тие се осомничени за убиство од небрежност, предизвикување телесни повреди од небрежност и за палеж од небрежност, соопшти денеска обвинителството на кантонот Вале.
Според весникот „Ле Паризиен“, Жак Морети ѝ е веќе познат на полицијата во Франција по претходни случаи на подведување и киднапирање. Весникот објави дека случајот со подведување датира од пред триесетина години, а пред 20 години, Морети бил затворен во Савоја за измама и киднапирање. Според полициски извор, тој не бил вклучен во организиран криминал оттогаш.
