Швајцарците нема да ќарат со квотите за имигранти
Медиумите во Цирих и Женева денеска остро ја критикуваат одлуката на швајцарските граѓани на вчерашниот референдум, со кој тие се определија за ограничување на бројот на странски државјани кои можат да живеат и работат во Швајцарија.
Анализата на гласањето покажала дека луѓето од францускиот дел од земјата гласале против ограничувањето на европските имигранти, додека мнозинство од гласачите во германскиот дел од Швајцарија биле за “рампа„ на границите.
Според медиумите, ваквата одлука претставува закана за домашната економија.
Швајцарија последниве години се соочува со економска стагнација, голема невработеност и со финански проблеми, но целата ситуација сега се заканува да биде уште посложена, затоа што референдумот во основа беше насочен против ЕУ и нејзините основни определби за отворен пазар на работна сила и за слободно движење на луѓето низ Унијата.
Се навестува дури и можност за запирање на договорот за економска соработка меѓу Швајцарија и ЕУ,па тоа дополнително може да го загрози просперитетот на земјата. Швајцарија не е членка на ЕУ, но таа економски е силно поврзана со Унијата преку низа специјални спогодби.
На вчерашниот референдум,одржан под мотото „Стоп за масовната имиграција“ само 50,3 отсто од гласачите ги поддржаа заложбите на противниците на прием на странски работници од ЕУ, што ја покажува „длабоката поделба“ што постои во Швајцарија околу имиграцијата, но и околу односите на земјата со Унијата.
Како што и се очекуваше, Европската унија жестоко реагира на ваквиот потег на Швајцарците. Европската комесарка за правда, Вивиен Рединг изјави дека Швајцарија не може да очекува да ги задржи поволностите за слободна трговија со ЕУ, а да ја ограничи слободата на движење.
„Тоа не е можно. Мора да земете сè или ништо“, изјави Рединг за Би-Би-Си.
„ЕУ ќе разгледа импликации од резултатот од гласањето и подготвена е да работи со Владата на Швајцарија на изнаоѓање решение за тоа прашање“, се вели во соопштение од грчкото претседателство со Унијата.
Слично
