Швајцарците не сакаат странци да им ги земаат работните места
Граѓаните на Швајцарија денеска на референдум се изјаснија за воведување на ограничувања за имигрантите. За ограничувањето предвидено со иницијативата „Запрете ја масовната имиграција“ се изјасниле 50,3 отсто гласачи.
Странците сочинуваат една четвртина од населението во оваа земја. Од 2007 година државјаните на земјите-членки на ЕУ имаат исти права како и Швајцарците на пазарот на трудот, иако Швајцарија во која живеат осум милиони жители, не е членка на Унијата.
Иницијативата за организирање референдум против масовната имиграција ја покрена десничарската Швајцарска народна партија, која има најмногу места во Парламентот, а ваквиот исход се смета дека може сериозно да ги загрози односите меѓу Берн и Брисел.
Европската комисија соопшти дека ќе ги преиспита билатералните односи со Швајцарија откако жителите на таа држава на референдум поддржаа воведување на ограничувања за имигрантите. „ЕУ ќе ги преиспита последиците од таа иницијатива врз севкупните односи на Унијата и Швајцарија“, се вели во соопштение публикувано откако беа објавени резултатите од референдумот.
Од Швајцарската народна партија порачаа дека земјата не може „бесконечно да прифаќа 80.000 странци колку што годишно пристигнуваат во неа и бараат постојан престој“.
Слично
