Штрајк со глад на пензионирани Гурки
Штрајк со глад денеска почнаа непалски Гурки, поранешни војници на британската армија, во знак на протест поради одбивањето на Владата во Лондон да им даде еднакви пензиски права како на сите други поранешни војници.
Околу 60 Гурки од англискиот град Рединг соопштија дека „ако треба ќе умрат од глад, за да се изменат нивните воени пензии“.
Двајца од Гурките почнаа со штрајкот нешто по пладне, а други двајца ќе им се приклучат во следните 24 часови На овој етапен начин се предвидува до 7 ноември штрајкот со глад да добие масовен карактер.
Во април годинава, воените ветерани Гурки демонстрираа пред зградата на британскиот Парламент за да добијат еднаков статус и исти прва за пензија како и другите воени ветерани. Околу 25 илјади Гурки кои се пензионирале пред 1997 година, имаат право на само една третина од пензијата што ја добиваат нивните поранешни колеги Британци.
- Ние бевме подготвени да ги дадеме своите животи за Велика Британија, па затоа сега заслужуваме да имаме исти пензиски права со другите, изјави ветеранот Гијанраџ Рај, кој веќе 15 години води кампања за правата на ветераните Гурки.
Околу 10.000 Гурки останаа да живеат во Велика Британија, по повлекувањето од армијата. Во 2009 година, тогашната Влада се согласи да им дозволи да останат и да се населат на британската територија, ако се пензионирани пред 1997 година.
Министерството за одбрана во посебно соопштение смета дека нема потреба од штрајкот, тврдејќи дека британската Влада отсекогаш обезбедувала „фер услови и термини за војниците Гурки“.
