Штрајк на вработените во јавната администрација во Франција
Околу 5,2 милиони вработени во француската државна администрација се повикани денеска да ја прекинат работата од страна на три синдикати СЖТ, ФСУ и Солидер, а попладнево предвидени се и демонстрации во Париз и другите француски градови.
Синдикатите бараат зголемување на платите во јавната администрација, кои се замрзнати од 2010 година, како и мораториум за укинувањето на работните места и за запирањата од платите кога вработените се на боледување.
Осум месеци по доаѓањето на левицата на власт, за која гласаа речиси дветретини од вработените во јавната администрација, тие прв пат јавно и со протест го изразуваат незадоволството поради намалувањето на нивната куповна моќ, која според проценките се намалила за 10 проценти за десет години.
Секој петти вработен во јавната администрација добива минимална загарантирана плата. Зголемувањето на платите за еден отсто би ја чинело државата меѓу 800 милиони и една милијарда евра, додека француската Влада најави дека сака да ги намали трошоците на државата за 10 милијарди.
Во 2013 година платите на јавната администрација ќе ја чинат Франција 80,6 милијарди евра. Средната плата во француската администрација се движи од 2.200 до 2.700 евра.
