Штрајк на новинарите од Би-би-си поради најави за нови откази
Новинарите од Би-би-си ќе стапат во еднодневен штрајк идниот понеделник, доколку следните денови управата не постигне спогодба со синдикатите околу натамошното укинување на работните места и исплатата на отпремнина за новинарите кои добиваат откази , соопшти денеска синдикатот на новинарите (НУЈ).
Управата на компанијата најави укинување на нови 2 илјади работни места, откако претходно отпушти неколку илјади вработени од разни сектори.
Нови откази според последните најави треба да има во Би-би-си-Шкотска, Азиската мрежа, Светскиот сервис, како и регионалните станици во Англија.
Од управата изразија жалење поради решението на новинарите за штрајк, додека синдикатите вината ја бараат во менаџментот на компанијата и неговата погрешна политика.„Би-би-си продолжува и понатаму да се расфрла со средствата и да троши државни пари на непотребни отпремнини за луѓето, наместо да обезбеди услови и работа за повторното вработување на оние кои претходно добиле отказ“, изјави генералниот секретар на новинарскиот синдикат Мишел Станстрит.
