Штрајк на банкарите во Кипар
Стотици банкарски службеници излегоа на предупредувачки протест во Кипар организиран од синдикатот на банкарски службеници. Како што пренесе електронското издание на кипарскиот грчки весник „Политис“, банкарите бараат заштита на нивните пензиски фондови во двете најголеми банки на островот, кои сега се преструктуираат според барањата на меѓународните кредитори.
Од синдикатот ЕТИК тврдат дека пензиите на вработените во Банката на Кипар и во Кипарската народна банка (Лајки банк) не се обезбедени.
Претходно кипарските банки беа затворени две недели, додека се договараше кредитната спогодба, а повторно беа отворени на 28 март. Притоа беа наметнати ограничувања во движењето на капиталот, за да се спречи одливот на пари од Кипар.
