Што се крие зад купувањето на „Вашингтон пост“ од страна на основачот на „Амазон“?!
Изненадувачката вест за бизнис светот дека основачот на „Амазон“ Џеф Безос го купи „Вашингтон пост“ аналитичарите на „Форбс“ го оценуваат како купување на влијание.
Иако Безос сам влезе во овој бизнис, без поддршка од компанијата која ја создаде, се верува дека „Амазон“ секако ќе профитира од купувањето вредно 250 милиони долари.
Коментаторите наведуваат дека таа сума е трошка за Безос, чие богатство е сто пати поголемо, но и признаваат дека на еден од највлијателните весници во САД со овој потег му е обезбеден подолг период на стабилност.
Безос во писмото упатено до вработените во весникот им порача дека нема за што да се грижат, но најави и период на големи промени.
Видот на промената е она што најмногу ги интересира аналитичарите, кои велат дека „Амазон“ и Безос се сила која нанела голем удар на класичните медиуми и поради кои печатењето на весниците се наоѓа во историска криза.
Неговиот колега Алекс Парин наведува дека весникот за Безос е играчка.
„Безос го купи Пост за помалку од еден процент од неговото богатство, а милијардерите не купуваат весници за да ги водат како јавно добро, ниту за да заработат. Тие купуваат весници за да имаат поголемо влијание„ пишува Парин.
„Вашингтон пост“ со децении беше главна сила во американското новинарство, најпознат по наградената серија истражувачки стории во 1974-та што го обелоденија скандалот Вотергејт и доведоа до оставка на тогашниот претседател Ричард Никсон. „Њујорк тајмс“, кој генерално се смета за најреспектираната новинска компанија, коментира дека цената за Вашингтон пост била речиси минимална, бидејќи компанијата на весникот, која е во семејна сопственост, би вредела милијади долари пред интернетот драматично да го смени текот на профитабилноста на печатените изданија. Според „Вашингтон пост“, Безос ќе зеде и редица придружни изданија на весникот. Па сепак, во договорот за купувањето не се вклучени неколку Интернет и неновински претпријатија кои ќе останат под контрола на семејството Греам, главниот сопственик на компанијата последниве 80 години. Интернет-конкуренцијата го намали тиражот на весниците во САД и го пресуши најголемиот извор на приход - од огласувачите. Ејми Веб, која е стручњак за Интернет- медиуми, смета дека исто како што ја револуционизираше индустријата на издавање на книги, Безос би можел да го смени и начинот на информирање на Американците. „Се работи за фундаменталното разбирање што тој го има за односот меѓу луѓето од една и информацијата и содржината од друга страна. Тој е човекот кој ни ги испорача електронските читачи. Тука не се работи само за продавање на содржина, туку за создавање на длабоко личен однос меѓу човекот и технологијата“, вели Веб, пишува „Глас на Америка“. Оваа извршна директорка на Вебмедиа го смета Безос за умен и трпелив инвеститор кој има визија за иднината. Според проценките, богатството на Безос изнесува преку 20 милијарди долари. Објавувајќи ја веста за продажбата на компанијата „Вашингтон пост“, нејзиниот директор Доналд Греам вчера изјави дека преку новиот сопственик, подобро ќе се одговори на барањата на компанијата.
