Што договорија големите сили во Женева за судбината на Украина?
Дури седум часа траеше четиристраната средба на шефовите на дипломатиите на Русија, Украина, САД и ЕУ во Женева, по што сите четири страни излегоа со заедничка изјава за ситуацијата во Украина, која треба да биде почетен чекор за враќање на мирот за украинските граѓани.
Сите страни мора да се воздржат од секакво насилство, закани или провокативни акции, се наведува во изјавата.
Учесниците на состанокот, прв од ваков вид по почетокот на украинската криза, остро ги осудиле сите форми на екстремизам, расизам и верска нетрпеливост, вклучувајќи го и антисемитизмот. „Сите илегално вооружени групи мора да бидат разоружани, а сите бесправно одземени објекти мора да им бидат вратени на легитимните власти, како и бесправно заземените улици, плоштади и други јавни места“, стои во изјавата.
Амнеситја ќе биде одобрена за демонстрантите кои ќе ги напуштат зградите и другите јавни места и ќе го предадат оружјето, со исклучок на оние кои биле прогласени за виновни за големи злосторства. Договорено е специјална набљудувачка мисија на ОБСЕ да игра водечка улога во помагањето на украинските власти и локалните заедници за непосредна примена на овие мерки за деескалација на насилствата.
САД, ЕУ и Русија се обврзале да ја поддржат оваа мисија. Најавено е дека реформата на украинскиот Устав ќе биде инклузивен, транспарентен и одговорен процес во кој ќе биде вклучено непосредно воспоставување на широк национален дијалог со учество на сите региони на Украина, кои ќе имаат право да достават свои коментари и амандмани.
Учесниците на женевскиот состанок ја нагласија важноста на економската и финансиската стабилноста на Украина и најавија дека се подготвени да разговараат и за дополнителна финансиска поддршка за да се спроведат сите наведени чекори. На состанокот учествуваа рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, американскиот државен секретар Џон Кери, високата европска претставничка за заедничка безбедносна и надворешна политика Кетрин Ештон и вршителот на должност шеф на украинската дипломатија Андреј Дешчица.
Слично
