Што ако Америка се тргне од НАТО? Европа веќе прави „план Б“
Европските држави сè посериозно разгледуваат како би изгледала одбраната на континентот доколку САД ја намалат својата улога во НАТО. Прашањето повторно се отвори по одлуките на администрацијата на Доналд Трамп за намалување на американското воено присуство во Европа.
Пентагон веќе најави повлекување на околу 5.000 американски војници од Германија, а беше откажано и планираното распоредување на 4.000 војници во Полска. Потегот предизвика загриженост меѓу европските сојузници, особено кај земјите на источното крило на НАТО.
Според „Економист“, во Европа се разгледува резервен модел на одбрана во случај американското водство во НАТО да ослаби. Во фокусот е северно-балтичката оска, односно Велика Британија, скандинавските и балтичките земји, Холандија и Полска, кои ја гледаат Русија како најдиректна закана.
Еден од можните столбови на таков модел е Joint Expeditionary Force, воена коалиција предводена од Велика Британија. Во неа членуваат Данска, Естонија, Финска, Исланд, Летонија, Литванија, Холандија, Норвешка, Шведска и Обединетото Кралство. Британската влада ја опишува оваа структура како флексибилна сила која може брзо да реагира во Северна Европа, северниот Атлантик и Балтичкиот регион.
Главниот проблем за Европа останува зависноста од американската воена инфраструктура. САД обезбедуваат клучна логистика, разузнавање, командување, сателитски капацитети и воена координација. Без тоа, европските армии би имале многу потешка задача да реагираат брзо и организирано во поголема криза.
НАТО формално останува главната рамка за колективна одбрана. Членот 5 предвидува дека напад врз една членка може да биде третиран како напад врз сите, но процесот вклучува политичка проценка и одлука на сојузниците.
Затоа европскиот „план Б“ засега се гледа како резервна безбедносна мрежа, а не како целосна замена за НАТО. Реалноста е сурова: Европа може да троши повеќе за одбрана, но брза замена на американската улога во краток рок е речиси невозможна.
