Штајнмаер: Маневрите на НАТО во Источна Европа само ќе ги влошат односите со Русија
Воените маневри на НАТО во Источна Европа може само да ги влошат односите на Западот со Русија, смета германскиот министер за надворешни работи Валтер Штајнмаер.
Ако мислите дека состојбата со тенкови на источните граници ќе донесе поголема безбедност, длабоко грешите, изјави Франк-Валтер Штајнмаер за весникот „Bild am Sonntag“.
Во петокот во Полска заврши вежбата „Анаконда-16“, во текот на која над 30 000 војници од 25 членки на НАТО симулираа реакција при руска инвазија во Полска.
За „Bild am Sonntag“ германскиот дипломат побара повеќе дијалог и соработка со Русија наместо нови воени вежби во близина на нејзините граници.
Неговиот коментар е знак за несогласувања во коалицијата меѓу конзервативците на канцеларката Ангела Меркел и социјалдемократите, од кои е и Штајнмаер, посочи Ројтерс.
