Економија, финансии, бизнис

Контакт

Шпанија штеди и на децата

Шпанија штеди и на децата

Кризата во Шпанија одамна стигна во средината на општеството. Конзервативците во меѓувреме штедат и на работи кои некогаш беа целосно табу. Со овие резови најмногу се погодени децата и семејствата.

Кога Лурдес Де Абахо ќе добие можност да зборува, тешко може да запре. – Кога почна училиштето, а девојчињата мораа да добијат нова облека, па книги и училишен прибор, на крајот на месецот стана тесно. Додаток на платата за училишен оброк повеќе нема, а тоа е 90 евра месечно. Додатоците за училишни книги исто се укинати!

Лурдес де Абахо (39) е наставничка по музичка култура во гимназија во едно село недалеку од Мадрид. Ноќта во која разговараме со неа ја поминува со сопругот Луис Луна и тригодишната ќерка Алма во паркот Ретиро во центарот на Мадрид. – Квалитетот на животот во последните години многу падна, бидејќи растат цените на основните животни намирници, струјата, водата и гасот – се жали таа.

На тоа во разговорот се замеша нејзиниот сопруг Луис, кој откако речиси две години бил невработен, последните две недели има две третини работно место исто како наставник. – Нашите плати повеќе не се во согласност со инфлацијата, дури и се намалуваат – вели тој. На вработените во јавниот сектор од почетокот на кризата платите и приходите им се намалени за вкупно 10 отсто. Освен тоа, нема повеќе ни разни додатоци, на пример новогодишниот. Целосно, изгубивме над две цели месечни плати – велат сопружниците.

Откако домашниот буџет стана се потенок, овие сопружници повеќе не одат ни во кино, театар, на концерти... Тоа се далечни зборови за нив, а патувања во странство не организирале со години. – Се откажуваме од се што можеме, само на децата да не им фали ништо – вели Лурдес.

Топење на средната класа

Притоа тие двајца, за шпански прилики и понатаму се средна класа. Но и состојбата на средната класа се огледува во се поголема сиромаштија и општествена нееднаквост, се жали Хуан Хосе Лопез од шпанскиот Каритас. Заедно со уште четворица колеги овој социолог составува годишен социјален извештај. Средниот слој станува се поранлив и тоа од 2007 година, кога почна кризата. - Сеуште овие луѓе не можеме да ги опишеме како сиромашни, но преживеавме општо осиромашување, кое пред се падна на грбот на средната класа. Децата од средниот слој се секако погодени. Шпанија во меѓувреме е земја со најголеми социјални разлики во Европа – вели овој социолог.

Бројките се застрашувачки. Додека лани бројот на шпанските милионери порасна за 13,2 отсто, над една петтина Шпанци живеат под границата на сиромаштија, три милиони од нив се во крајна сиромаштија, со помали приходи кои изнесуваат само една третина од просечните. Над 400.000 семејства ги изгубија становите со насилно иселување или тоа ги чека. Животниот стандард незапирливо тоне поради понатамошните резови и се поголемите даноци и трошоци. – Здравството, образованието, тоа се повеќе се приватизира. Образованието стана се поскапо, за лекови мора се да се плаќа. Полека се брише јавниот систем, кој се грижи за тоа да постои некаква еднаквост – се жали Лопез.

Штедење на образованието и здравството

Притоа конзервативната влада на Мариано Рахој, кога во 2011 година беше избрана вети дека нема да штеди на образованието ниту на здравствениот систем. Тоа одамна е историја. Министерството за здравство во последните два годишни буџети многу повеќе штедеше од другите. - Од редовните прегледи кај децата остана само вакцинирањето – се жали Лурдес Де Абахо. Порано децата на три годишна возраст требаа да го обават последниот здравствен преглед во рамки на програмата грижа за малите деца.

За малата Алма тоа повеќе не важи. Се зборува и за укинување на некои вакцини. – Не можеме да најдеме ни место во државна градинка – се жали Лурдес. Градинките за деца до три години речиси сите се приватизирани и родителите тоа ги чини околу 500 евра месечно. – Во нашиот кварт има само 45 места кои ги финансира државата – додава таа.

Нејзиниот сопруг вели дека последните години во јавната школарина се укинати 83.000 работни места. Одделенијата се зголемени за 10 отсто, за болните наставници замена се бара дури по две недели, а до тогаш нема настава, - Мене ме испратија во едно училиште, откако училишната година веќе почна. Во одделение со деца што имаат проблеми и на кои всушност им треба грижа уште на самиот почеток на годината, за да можат да ја следат наставата. Целосно недостасуваа седум наставници. Состојбата е само чекор од чиста катастрофа – се жали Луис.

Не е полесно ни на шпанските пензионери, кои се принудени да работат и на стари години – иако тоа е илегално.

Извор; Миа

Слично

Поврзани вести