Шолц: Кој ќе инвестира во Украина, инвестира во идна членка на Европската унија
Според него, сообраќајната инфраструктура како и транспортниот сектор мора да се обнови за да се овозможи непречено поврзување со инфраструктурата на ЕУ.
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави во понеделникот дека обновата на Украина ќе биде поврзана и прилагодена на идниот влез на земјата во Европската унија.
– Кога ќе ја обновиме Украина, тоа ќе биде спроведено во согласност со целта за влез на Украина во Европската унија – изјави германскиот канцелар Олаф Шолц на отворањето на германско-украинскиот економски форум во Берлин.
Според него, транспортната инфраструктура како и транспортниот сектор мора да се обнови за да се овозможи непречено поврзување со инфраструктурата на ЕУ.
Ова, како што рече, ќе фаворизира привлекување инвеститори.
– Кој и да инвестира денеска во Украина, тој инвестира во идна членка на Европската унија, која ќе биде дел од нашиот правен систем и заеднички пазар – рече Шолц.
Тој ја повика украинската влада да ги подобри условите за странските инвеститори, да го зајакне владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Украинскиот премиер Денис Шмихал, кој исто така учествуваше во работата на економскиот форум, вети брзо создавање услови за странските инвеститори, но нагласи дека на Украина и е потребна помош однадвор.
- На Украина и е потребна помош од европските компании за реализација на овие храбри проекти - рече Шмихал.Тој се заблагодари на германската влада и народ за поддршката што ја добива неговата земја за да се одбрани од руската агресија.
– Ќе победиме во оваа војна – нагласи украинскиот премиер.
Германско-украинскиот економски форум се одржува како подготовка за донаторска конференција за Украина, која ќе се одржи во вторник во Берлин.
