Економија, финансии, бизнис

Контакт

Шокантни трошоци за Олимписките игри во Сочи!

Шокантни трошоци за Олимписките игри во Сочи!
Без сомнение ќе биде најскапата Олимпијада досега, но колку точно пари ќе се одлеат во спортскиот спектакл што треба да започне? Според пресметките, најмалку 51 милијарда долари ќе достигнат само официјалните трошоци на руските домаќини. Она што е уште позачудувачки околу оваа цифра е што станува збор за Зимски олимписки игри, кои имаат само една третина од бројот на спортски настани предвидени во Летните олимписки игри. Во просек, секој спортски настан во Сочи ќе чини дури 520 милиони евра, што е четири пати повеќе отколку трошоците по настан на Летните олимписки игри во Пекинг во 2008 година. Домаќинот на Олимпијадата, Русија, првично планираше за Игрите да потроши само 12 милијарди евра, но трошоците неочекувано вртоглаво пораснаа, што предизвика и обвинувања за корупција и залудно потрошени средства. Така, Русите потрошиле дури 8,7 милијарди долари за да изградат пруга и пат од 50 километри меѓу местата Адлер и Краснаја Полјана. Руските медиуми коментираат дека таа цена би се постигнала единствено ако патот се покрие со слој дебел еден сантиметар од скапиот кавијар „Белуга“. Руската опозиција креираше интернет страница на која детално опишува како „корупцијата ги создала најскапите Игри досега“. Така, еден од главните спортски објекти, „Лизгалиштето Бољшој“, бил изграден од компанија во сопственост на близок политички соработник на Путин за 300 милиони долари. Внатре едно седиште чини 25 илјади евра, што е два и пол пати повеќе од нормалната цена, обвинува опозицијата. Се тврди дека уште еден пријател на Путин, Аркадиј Ротенберг, ставил в џеб речиси седум милијарди долари за работи изведени на подготовка на Игрите. Според Валериј Морозов, поранешен учесник во подготовката на Олимпијадата, кој сега живее како азилант во Лондон, парите во најголем дел отишле на мито и корупција на руски официјални претставници. Кога тој се обидел да излезе во јавност со обвинувањата, добил закани по живот и мора да бега во Велика Британија. „Добив информација дека има договор дури и за моето убиство“, вели Морозов. Тој самиот признава дека од претставници на руската власт му било сугерирано да се натпише 30 милиони долари во сметката за неговите услуги, а потоа преку фантомски компании да им ги префрли ним тие пари. Всушност, според анализите што ги направил Универзитетот во Оксфорд, сите Олимписки игри одржани по 1960 година претерале со трошоците, надминувајќи ги во просек за три пати првично планираните буџети. Сепак, нема медал за трошење на Олимписките игри. Ако имаше - Сочи секако ќе освоеше злато!
Слично

Поврзани вести