Шојбле: ЕУ треба да изгради поблиски врски со Русија
Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле изјави дека Европската унија (ЕУ) треба да изгради поблиски врски со Русија, за да можат заедно да помогнат за решавањето на граѓанската војна во Сирија и да се намалат тензиите на Блискиот Исток меѓу шиитите и сунитите, пренесува Bloomberg.
„ЕУ ќе мора да ги зголеми напорите за стабилизирање на конфликтните региони, без оглед дали тоа и се допаѓа или не“, пишува Шојбле за весникот „Frankfurter Allgemeine Zeitung“ во понеделникот. Иако други чекори нема да бидат можни без САД, Русија е исто така клучен сојузник при решавањето на кризите, тврди Шојбле.
„Во секој случај ние сме соседи“, пишува Шојбле. „Односите меѓу Турција како членка на НАТО и Русија исто така се исклучително важни“.
Изјавата доаѓа пет недели откако ЕУ ги продолжи економските санкции против Русија до 31 јули поради поддршката за сепаратистите во Украина и анексијата на Крим. Рамковниот договор за решавање на конфликтот, договорен минатиот февруари во Минск, беше продолжен по оригиналниот краен рок од крајот на 2015 година, откако сепаратистите во Украина се заканија дека ќе организираат еднострано локални избори.
Американскиот државен секретар Џон Кери изјави во петокот дека санкциите против Русија може да бидат укинати оваа година, ако Кремљ се однесува во согласност со договорот од Минск. Владата на претседателот Владимир Путин ја обвини Украина во блокирање на обврските.
Шојбле ја коментира и заканата за Русија од сунитските екстремисти поради нејзината интервенција во Сирија на страната на претседателот Башар Асад, поддржан од Иран, кој е со претежно шиитско население.
„Ако правилно се разберат интересите на безбедноста на Русија во однос на исламскиот тероризам, таа наскоро ќе има проблем со амбиции, базирани на сунитскиот ислам“, пишува Шојбле во статијата. „Зошто да не можеме да развиеме заедничка стратегија со Русија, за да ги намалиме тензиите меѓу сунитската коалиција предводена од Саудиска Арабија и шиитска коалиција предводена од Иран ?“.
