Економија, финансии, бизнис

Контакт

Шкотската дијаспора нема право на глас на референдумот

Шкотската дијаспора нема право на глас на референдумот
Атмосферата околу шкотската независност, во пресрет на референдумот што ќе се одржи в четврток, се приближува до точка на вриење. Паралелно со дебатата „за“ и „против“ независноста, се води уште една - дали е праведен договорот меѓу Единбург и Лондон според кој на референдумот нема да им биде дозволено да гласаат на шкотските државјани кои живеат надвор од Шкотска. Заради овој договор повеќе од еден милион лица со шкотско потекло од дијаспората само ќе можат да го следат гласањето в четврток, а меѓу нив ќе биде и славниот актер и борец за независноста на Шкотска Шон Конери, кој живее на Бахамите. Шкотските правни експерти сметаат дека со договорот меѓу Единбург и Лондон за ова прашање всушност е прекршено правото за слободно движење на граѓаните според европското законодавство. Шкотските државјани кои живеат во други земји-членки на Европската унија се загрижени дека нивниот статус на легални емигранти би можел да биде загрозен доколку референдумот за независност успее. Британската Влада направи уште еден чекор со кој се обидува да ја убеди Шкотска да остане во заедничката унија - на граѓаните им гарантира целосна контрола врз потрошувачката во здравството. Освен ова, Британците и претходно предупредија дека во случај на отцепување нема да и дозволат на Шкотска да ја задржи фунтата како национална валута. Проценките направени врз основа на анкетите најавуваат неизвесна трка и исход на референдумот, иако бројот на приврзаници на независноста се зголемува. Официјалните претставници на ЕУ и НАТО засега молчат во врска со најавеното отцепување на Шкотска и можноста референдумот да успее. Сепак Брисел е во грч и не е сосема сигурен како да постапи во овој случај, бидејќи европската регулатива не предвидела решение за ваков развој на настаните. Првото прашање што се поставува е дали во случај на отцепување, Шкотска ќе го задржи членството во ЕУ или ќе треба одново да оминува низ процес на преговори. Посебни стравувања предизвикува и можноста слични сепаратистички тензии да се појават во други европски региони.
Слично

Поврзани вести