ШКОТСКА: Неизвесност на ден пред гласањето!
Во Шкотска денеска е последниот ден од кампањата за претстојниот референдум за независност. Утре гласачите ќе треба да се изјаснат дали се за отцепување или за останок во рамките на Велика Британија.
И двете страни се обидуваат до последен момент да ги убедат неопределените гласачи да го дадат гласот токму за нивната опција. Британските медиуми јавуваат дека полицијата ќе биде во состојба на зголемена готовност утре и задутре, без разлика на исходот на референдумот.
Последните резултати од анкетите покажуваат тесна разлика меѓу оние кои се „за“ и оние кои се „против“ отцепувањето, со блага предност на гласачите кои сепак би сакале Шкотска да остане во Велика Британија.
Три анкети денеска, на ден пред изјаснувањето, и даваат блага предност на опцијата „против“ оцепување - против независноста на Шкотска се изјасниле 52%, додека за независност - 48% од анкетираните.
Шкотскиот премиер Алекс Салмонд со писмо се обрати до гласачите за последен пат пред изјаснувањето и ги повика „Ајде да го направиме тоа“.
„Да се разбудиме в петок наутро во подобра земја. Пробудете се со сознание дека вие тоа го направивте. Не дозволувајте оваа шанса да ни се лизне низ прстите“, пишува Салмонд, кој е поддржувач на идејата за отцепување.
Лидерот на кампањата „Подобро е заедно“ Алистер Дарлинг кампањата ќе ја заврши со митинг под мотото „Сакај ја Шкотска - гласај НЕ“.
Околу 4,3 милиони луѓе во Шкотска се очекува да гласаат утре на референдумот кој треба да ја определи иднината на земјата.
Слично
