Економија, финансии, бизнис

Контакт

ШЕСТ ЛИЦА ЗАГИНАА ВО ПОПЛАВИТЕ ВО ЈАПОНИЈА - 16 илјади домаќинства добија наредба да се евакуираат

ШЕСТ ЛИЦА ЗАГИНАА ВО ПОПЛАВИТЕ ВО ЈАПОНИЈА - 16 илјади домаќинства добија наредба да се евакуираат

Во јапонската префектура Ишикава наврна двојно повеќе дожд од просекот во септември, а околу 40.000 луѓе беа евакуирани поради големите поплави.

Најголема штета од поплавите претрпеа градовите Ваџима и Сузу во префектурата Ишикава

Рекордни врнежи паднаа во јапонската префектура Ишикава, предизвикувајќи поплави во кои загинаа најмалку шест лица, а 10 се водат како исчезнати.

Најпогодени од поплавниот бран кој започна во саботата се градовите Ваџима и Сузу, каде се уште се чувствуваат последиците од смртоносниот земјотрес што беше регистриран на 1 јануари годинава.

Во неделата на тие места наврна двојно повеќе дожд од просекот во септември, објавија локалните медиуми.


Многу реки се излеаа и ги поплавија патиштата, отсекувајќи повеќе од 100 населби низ Ишикава, јавуваат медиумите.

Двајцата починати биле пронајдени во близина на тунелот во Ваџима, кој бил оштетен од одрон.

Еден од нив бил градежен работник кој работел на поправка на оштетен пат.

Двајца постари мажи и една постара жена, исто така, се меѓу загинатите, објави Japan Times, цитирајќи локални власти.

Јапонската метеоролошка агенција во саботата издаде предупредување за највисоко ниво во префектурата Ишикава, што носи „опасност по животот“.

Ден подоцна степенот на опасност е оценет како нормален.

И покрај ова, властите ги повикуваат граѓаните да останат на готовност бидејќи се очекува обилните врнежи да продолжат и во понеделник.

Бранот од поплави стигна и до привремените домови изградени за оние кои ги загубија своите домови во земјотресот во јануари, а снимките од јапонската телевизија NHK покажаа цела улица во Ваџима под вода.

Земјотресот што го погоди регионот на првиот ден од 2024 година беше со јачина од 7,5 степени според Рихтеровата скала, загинаа 236 лица, уништени се многу згради и избувна голем пожар.

Поради поплавите во понеделникот без струја останаа околу 4.000 домаќинства, соопшти компанијата Хокурику која се занимава со дистрибуција на струја.

Повеќе од 40.000 жители на четири градови во префектурата Ишикава, вклучувајќи ги Каџима, Сузи и Ното, беа евакуирани во текот на викендот.

Уште 16.000 жители добија наредба да бидат евакуирани од префектурите Ниигата и Јамагата, северно од Ишикава, јавува агенцијата Франс прес.

Фото: Принтскрин/Твитер

Слично

Поврзани вести