Шефот на голем инвестициски фонд: Само зборуваме за цените на бензините, а имаме поголем проблем!
„Драматичните скокови на цената на нафтата по руската инвазија на Украина ставија уште поголем проблем во втор план - зголемувањето на цените на храната“, предупреди Лари Финк, основачот на најголемиот светски инвестициски фонд „БлекРок“.
„Една работа за која се грижам и за која не зборуваме доволно е храната“, изјави тој за Фајненшл Тајмс.
„Ова не е само загриженост за инфлацијата. Постојат и геополитички грижи кои произлегуваат од ова“, додаде тој за Фајненшл тајмс.
Цените на енергијата и бензинот скокнаа претходно оваа година кога западните земји воведоа санкции кон Русија по инвазијата. Цената на житото и маслото за јадење исто така нагло се зголемија бидејќи Украина е главен извозник.
„Многу зборуваме за цените на бензинот бидејќи тоа ги погодува Американците, но поголем проблем е храната“, рече Финк. „Во Украина се случи огромно уништување на обработливото земјиште. На глобално ниво цената на ѓубривата се зголеми за речиси 100 проценти, а овој дополнителен трошок го намалува количеството ѓубриво што се користи во земјоделството. Ова му штети на квалитетот на земјоделските култури во целиот свет“, тој додаде.
Светската банка прогнозира дека глобалните цени на храната ќе се зголемат за 20 отсто оваа година, далеку над цените на суровините.
Влијанието е особено сериозно во Африка, која обично увезува жито од Украина. Цените на ѓубривата таму се зголемени за 300 отсто. Бил Гејтс изрази слична загриженост оваа недела, велејќи дека намалувањето на залихите на пченица, масла за јадење и друга храна предизвикано од војната во Украина ги „покачува цените на храната, што ќе ја зголеми неухранетоста и нестабилноста во земјите со ниски приходи“.
извор: Индекс.хр
FOTO: EPA
