Северна Кореја стои зад нападот врз американскиот амбасадор во Сеул?
Од јужнокорејската полиција изјавија дека ги испитуваат можните врски со Северна Кореја на мажот, кој го нападна со жилет амбасадорот на САД во Сеул, откако јужнокорејските власти изразија незадоволство од реакцијата на Пјонгјанг за инцидентот, соопштуваат со забелешка Франс прес.
Како што потсетуваат, режимот во Северна Кореја го опиша нападот како „заслужена и фер казна“ и легитимен „израз на отпор“ за тековните заеднички воени вежби меѓу САД и Јужна Кореја.
На 55-годишниот напаѓач Ким Ки Јонг му беше покренато обвинение за обид за убиство откако му ги нанесе исекотините на амбасадорот Марк Липарт со жилет, во кој биле потребни 80 конци за да се зашие длабоката рана на неговото лице, оваа операција траела два ипол часа.
Првично напаѓачот Ким бил опишан како „осамен волк“, односно дека постапил сам, со силни националистички ставови, кој ја смета САД како една од главните пречки пред повторно обединување на поделениот Корејски полуостров.
Но исто така, се покажа дека тој ја посетил Северна Кореја повеќе од 6 пати помеѓу 2006 и 2007 година, а исто така се обидел да подигне споменик на Ким Џонг-ил во Сеул по смртта на претходниот севернокорејски војсководец во 2011 година.

