Сергеј Лавров: Сирија да се подготви за избори
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјавил дека Кремљ сака Сирија да се подготви за парламентарни и претседателски избори, а Москва е подготвена да обезбеди воздушна поддршка за слободната сириска армија.
Коментарот на Лавров претставува драматична промена во ставот на Русија и е изнесен по средбата со претставниците на САД и други земји во Виена во петокот. За време на неа било дискутирано за политичкото решение на кризата во Сирија.
„Странските играчи не можат да го одлучат сето тоа наместо Сиријците. Ние треба да ги натераме да создадат план за земјата, во кој интересите на секоја верска, етничка и политичка група ќе бидат добро заштитени“, изјавил Лавров за руската државна телевизија. „Се разбира, тие треба да се подготват како за парламентарни, така и за претседателски избори“.
Лавров објаснил дека има чувство дека другите земји конечно почнуваат да ја разбираат подобро ситуацијата во Сирија, иако непрекинато е голема реториката насочена против претседателот Башар Асад. Оваа промена дава надежи на Москва дека политичкиот процес може да се придвижи напред во догледна иднина.
Русија исто така е подготвена да обезбеди воздушна поддршка за Слободна сириска армија, објаснил Лавров. Рускиот министер за надворешни работи тврди дека одбивањето на САД да ја координира својата кампања во Сирија со Москва е „голема грешка“.
