„СЕКОЈ ШТО ЌЕ ОДБИЕ ДА ЈА НАПУШТИ ГАЗА ЌЕ ГО СМЕТАМЕ ЗА ТЕРОРИСТ“: Израелската војска испраќа снимени повици до жителите
Жителите на Газа велат дека добиваат снимени повици од
израелската армија со предупредување дека кој и да остане во градот ќе се соочи
со последици.
-Од утрово добивме повици на нашите мобилни телефони со видео од израелската армија во кое се вели дека секое лице кое се вратило или се уште е во градот Газа е терорист и се смета за соработник, вели Јумна Ел Сајед, известувач на Ал Џезира од Газа.
„Тие велат дека кој и да остане во градот Газа ќе ги трпи последиците“, додаде таа.
Израелската армија соопшти дека, по повикот за евакуација на цивилите во северниот дел на крајбрежниот појас Газа, околу 700.000 Палестинци досега побегнале во јужниот дел.
„Цивилите кои останаа во градот Газа и северниот дел на палестинската територија треба да се преселат јужно од природниот резерват Вади Газа за своја заштита“, рече портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Даниел Хагари во телевизиска изјава, пренесе Хина.
Израел ќе ги интензивира нападите врз воените цели на Хамас и нивните административни објекти на север, предупреди тој:
„Ќе продолжиме да напаѓаме цели кои би можеле да претставуваат закана за копнените сили во следните фази од војната“.
Повеќе од милион внатрешно раселени
Израелското бомбардирање на Газа, кое следеше по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, во кој загинаа повеќе од 1.400 луѓе, ги поттикна стравувањата од хуманитарна катастрофа и регионална ескалација на конфликтот.
Најмалку 4.385 Палестинци се убиени во израелските напади врз Газа. Обединетите нации проценуваат дека околу 1,4 милиони луѓе во Појасот Газа веќе се раселени поради израелското бомбардирање.
Повеќе од 544.000 од нив побараа засолниште под покровителство на Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци (UNRWA).
