Се забавува економскиот раст на Кина
Растот во кинескиот производствен сектор се забави до 5 месечно дно во февруари, со што се заматија очекувањата за брзо економско заздравување, пишува „Financial Times“.
Официјалниот индекс на менаџерските набавки (PMI) - важен индикатор за индустриската активност во земјата, беше намален до 50,1 поени во февруари од 50,4 поени во јануари. Вредности над 50 поени одбележуваат раст.
Во третото тримесечје од минатата година забавувањето на кинеската економија го достигна своето дно и оттогаш повторно гледаме одредено забрзување, поддржано од растот на кредитирањето и владините стимулации. Стравувањата за инфлација и повисоките цени на становите го натераа Пекинг да ја затегне монетарната политика во изминатиот период, па според аналитичарите на ови веројатно и се должиат слабите резултати на последниот индекс.
„Закрепнувањето останува кревко и може да биде доведено во прашање ако кредитните услови бидат заострени", вели Лиу Лига, економист на „ANZ“.
Минатата недела Кинеската централна банка повлече од економијата на земјата 910 милијарди јуани, за да се спротивстави на кредитниот бум од јануари.
Истовремено неколку кинески градови почнаа да ја зголемуваат цената на кредитите, кои ги обезбедуваат на оние што го купуваат својот прв дом, откако стана очигледно дека цените на недвижностите растат премногу брзо.
„Очекуваме владата да го намали кредитниот раст", вели Луис Куиџ, економист на „Royal Bank of Scotland“.
Податоците од Кина се силно поместени во првите 2 месеци од годинава поради празниците околу Кинеската Нова година, која во 2012 година беше во јануари, а оваа година се слави во февруари.
Слично
