СЕ УКИНУВА ЗАБРАНАТА ЗА ПАТУВАЊЕ: Австралија одобри патување во странство, но под еден услов
Австралија потврди дека следната недела ќе ја укине забраната што ги спречуваше нејзините граѓани да патуваат во странство без посебна дозвола, објави во средата Би-Би-Си.
Австралијците поминаа 19 месеци под едно од најстрогите правила за патување во светот, за да се обидат да спречат ширење на пандемијата на коронавирус.
Од 1 ноември на луѓето повеќе нема да им треба посебна дозвола за да ја напуштат земјата, под услов да се целосно вакцинирани.
Засега, тоа важи само за Австралијци, но некои од правилата за странците исто така ќе бидат олеснети наскоро, соопшти владата.
„Пред крајот на годината, очекуваме да можеме да примиме целосно вакцинирани работници и странски студенти“, рече министерката за внатрешни работи Карен Ендрјус во изјавата.
Премиерот Скот Морисон го поздрави најавеното отворање на границите, велејќи дека е време да им се „вратат животите“ на Австралијците.
Во моментов, оние што ја напуштаат Австралија - која има повеќе од 160.000 инфекции со коронавирус и 1.653 смртни случаи - може да го сторат тоа само во исклучителни случаи. Влезот во земјата е исто така дозволен само по исклучок, а има максимален број на оние кои можат да влезат во Австралија.
Австралијците помлади од 12 години ќе бидат ослободени од обврската за вакцинација за патување, а на другите невакцинирани патници сè уште им е потребна посебна дозвола и мора да бидат ставени во карантин во хотели предвидени за тоа 14 дена по враќањето.
