СЕ РАЗГОРУВА ЕНЕРГЕТСКАТА ВОЈНА МЕЃУ РУСИЈА И ЗАПАДОТ: Состојбата влегува во драматична фаза
Енергетската битка меѓу Русија и Западот драматично ескалира
кон крајот на минатата недела. Министрите за финансии на земјите членки на Г7
едногласно одлучија да ги ограничат цените на руската нафта и гас. Русија
одговори со затворање на Северен тек 1, а цената на бензинот „порасна до небо“.
Министрите за финансии на групата Г7 повикаа на создавање систем кој ќе дозволи продажба на руската нафта само по цени под пазарните. На ограничување на цените на рускиот гас повика и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Целта е да се ограничат приходите на Русија од продажбата на фосилни горива, со кои, меѓу другото, ја финансира и инвазијата на Украина.
„Ограничувањето на цената е специјално дизајнирано да ги намали руските приходи и способноста на Русија да ја финансира својата агресивна војна, а во исто време да го ограничи влијанието на руската војна врз глобалните цени на енергијата“, рекоа министрите на Г7 во изјавата по виртуелниот состанок.
Москва возврати за неколку часа. Гаспром најави затворање на Северен тек 1 на неопределено време, откако овој клучен гасовод за Европа, привремено беше вон употреба поради одржување, пренесува Политико.
Повисоки цени, Русија заработува
Овие потези на двете страни покажуваат колку е висок влогот сега. Западните влади се борат со енергетската криза која ја поттикнува инфлацијата, а во исто време се обидуваат да извршат максимален притисок врз Москва преку рускиот извоз на фосилни горива.
И покрај напорите на западните земји да го попречат извозот на енергија од Русија, која е главниот столб на буџетот на таа земја, комбинацијата на големата зависност на Западот од руската енергија и силната побарувачка од други земји како Кина и Индија не го спречи протокот на пари во касата на Кремљ.
„Гаспром“ не трпи, бидејќи цените на бензинот се 10 пати повисоки од пред една година, а во првата половина од годинава оствари рекордни 41,3 милијарди долари профит.
Кој е планот на Г7?
Шестиот пакет санкции на ЕУ предвидуваше целосна забрана за увоз на руска сурова нафта до 5 декември и рафинирани производи до 5 февруари следната година, со исклучоци за земји како Унгарија.
Планот на Г7 бара широка коалиција на земји да ја одреди цената на руската нафта под пазарната вредност - клучот е да се најде ниво на кое Русија ќе продолжи да пумпа, но кое е доволно ниско за да не донесе огромен профит.
Планот ќе се потпира на оневозможување на пристапот на Русија до виталниот лондонски осигурителен пазар, кој покрива 95 отсто од глобалната нафтена транспортна индустрија, доколку таа не го почитува ограничувањето на цената. Голем дел од руската сурова нафта се испорачува со танкери од земји како Грција, а таквата трговија може да биде попречена од ограничувањата за осигурување.
Бидејќи санкциите сè уште не се во сила, нема ништо незаконски за таквите активности, иако украинскиот претседател Володимир Зеленски ја критикуваше улогата на Грција во снабдувањето со руска нафта. Целта на Г7 е ваквите испораки да бидат многу помалку профитабилни за Русија, пренесува Политико.
