СЕ РАЗБОЛЕЛЕ САМО 0,07 ОТСТО - Израел докажа дека вакцината е изненадувачки ефикасна
Најновите податоци што доаѓаат од Израел покажуваат дека бројот на новозаболени, сериозно болни и мртви во таа земја опаѓа не само поради строгата блокада, туку и поради успешната програма за вакцинација и изненадувачката ефикасност на вакцината Фајзер.
Имено, анализите покажуваат дека падот е најизразен во деловите од земјата каде што најмногу напредувала кампањата за вакцинација, кај луѓето постари од 60 години, кои биле први вакцинирани.
Според израелското Министерство за здравство, само 531 лице над 60-годишна возраст, од скоро 750.000 целосно вакцинирани со две дози, се заразени со коронавирус по вакцинацијата, што претставува учество од само 0,07 отсто.
Охрабрувачки е и тоа што меѓу вакцинираните, само 38 биле хоспитализирани со умерени, тешки или критични клинички слики.
Во својата анализа, израелското Министерство за здравство ги разгледа медицинските досиеја на скоро милион луѓе кои примиле втора доза на вакцина пред повеќе од две недели, од кои 743.845 биле на возраст над 60 години.
Меѓу вакцинираните лица постари од 60 години, пријавени се само три смртни случаи, но постои можност тие да биле заразени порано, пред да можат да развијат имунитет. Податоците од Министерството укажуваат дека инфекциите и болестите паѓаат постојано по 14 дена по приемот на првата доза.
Израел досега вакцинираше околу пет милиони од своите девет милиони луѓе со единечна доза на Фајзер/Бионтек. Околу милион луѓе ги примија двете дози. Американскиот фармацевтски гигант му вети на Израел постојана испорака на вакцини во замена за детално истражување за ефектите на вакцината во пракса.
