Се продаваат акции на „Гугл“
Извршниот претседател на американската технолошка компанија „Гугл“ Ерик Шмид оваа година планира да продаде над 40 проценти од своите акции во фирмата.
Според планот се предвидува Шмид да продаде до 3,2 милиона акции. Доколку ги продаде сите овие акции по нивната сегашна вредност, тој ќе заработи 2,5 милијарди долари.
Кон крајот на декември минатата година, 57-годишниот Шмид имал 7,6 милиони акции на „Гугл“ или дел од 2,3 проценти во компанијата.
Коосновачите на „Гугл“ Лари Пејџ и Сергеј Брин се единствените шефови во компанијата, кои поседуваат повеќе капитал од Шмид. Пејџ контролира 8,7 проценти, а Брин има 8,5 отсто од акциите.
Шмид беше главен извршен директор на „Гугл“ цели 10 години, по што во април 2011 година му ја отстапи функцијата на Пејџ.
